Во пресрет на новогодишните празници, како дел од иницијативата #ИнфлуенсериЗаДобро, СОС Детско Село и оваа година ја започнува емотивната хуманитарна инфлуенсерска кампања „150 желби за 150 деца без родителска грижа“.
Целта на кампањата е 150 инфлуенсери, јавни личности и поддржувачи да споделат новогодишна порака посветена на децата поддржани од СОС Детско Село, со што ќе подарат чувство на љубов, надеж и радост за празниците.
Црвената маичка со автентични детски цртежи е срцето на кампањата. Таа ќе биде испратена до инфлуенсери и јавни личности, кои со нејзиното облекување и споделување новогодишна желба стануваат „1 од 150“ гласови што ја шират пораката до јавноста и ја прават видлива потребата за поддршка на децата без родителска грижа.
„Секој кој ќе ја облече маичката и ќе посака желба станува дел од едно поголемо добро. Јавните личности имаат моќ да инспирираат, да подигнат свест и да поттикнат поддршка за децата кои растат во згрижувачките семејства.“ велат од СОС Детско Село.
СОС Детско село ги повикува и граѓаните да се придружат.. Секој кој за време на кампањата која трае од 15 декември, па се до 31 декември ќе стане СОС Пријател – месечен донатор, добива црвена маичка во знак на благодарност и поддршка, со што станува „1 од 150“ учесници што ја шират новогодишната порака на солидарност.
Вистинската магија доаѓа во јануари
Кампањата ќе трае во текот на месец декември, а во јануари дел од видеата со новогодишните желби ќе им бидат прикажани на децата поддржани од СОС Детско село, со цел да почувствуваат дека зад секоја желба стои некој што се грижи.
Секој може да биде една желба. Со само еден мал гест – донација, споделување или поддршка, можеме заедно да создадеме празнична магија која ќе трае многу подолго од празниците.
The post “150 желби за 150 деца без родителска грижа“ appeared first on СОС Детско село.
