Скопје, 17 јуни 2025 — Сојузот на Стопански Комори со гордост ја информира јавноста дека претседателот Трајан Ангелоски е реизбран за член на Генералниот совет на Светската федерација на стопански комори (World Chambers Federation – WCF), тело што функционира во рамки на Меѓународната трговска комора (ICC).
Мандатот започнува на 1 јули 2025 година и ќе трае до 30 јуни 2028 година. Во изборниот процес учествуваа комори од над 120 земји, што ја потврдува тежината и значењето на овој избор.
„Голема е честа, но уште поголема е одговорноста да се биде дел од ова престижно глобално тело. Ќе продолжиме да работиме на јакнење на позицијата на македонската бизнис-заедница во меѓународни рамки, поттикнување на поврзувањето на коморите и поддршка на малите и средни компании“, изјави Ангелоски по повод изборот.
Генералниот совет на WCF претставува највисоко советодавно и стратегиско тело во глобалната коморска мрежа, и има клучна улога во креирање на политики и иницијативи за развој на меѓународната трговија, дигитализација, поддршка на претприемништвото и економска поврзаност меѓу земјите.
Следниот состанок на новиот состав на Генералниот совет ќе се одржи на 1 септември 2025 година во Мелбурн, Австралија, во рамки на 14-тиот Светски конгрес на комори.
Овој реизбор претставува големо признание и поттик за понатамошна афирмација на Сојузот на Стопански Комории и неговата активна улога на глобално ниво.