Македонските одбојкари загубија од Србија со 3:1 (17:25, 21:25, 17:25, 25:21) во првиот од двата контролни натпревара во Белград. Откако минаа речиси еден месец на базичните подготовки во Маврово, за црвено-жолтите денешниот натпревар во малата сала на „Арена“ беше прв во тренажниот процес за настапот на септемвриското Европско првенство. Можеби и поради тоа беше евидентно дека нашата репрезентација се уште нема течна игра, па без оглед што реномираниот противник на теренот го прати вториот тим, сепак успеа да триумфира со два доминантни сета. Македонската репрезентација беше рамноправна во вториот, а подобра во четвртиот сет којшто беше дополнување на контролниот меч
Селекторот Душко Николиќ го почна мечот со стандардниот избор. Никола и Ѓорѓи Ѓорѓиев беа на коректорската и на позицијата техничар, Милев и Љафтов како примачи, Николов и Маџунков на центар, а Ангеловски како либеро. Во успешниот, четврти, сет на терен беа Деспотовски како организатор, Илиев на местото на капитенот Ѓорѓиев и Николовски како либеро, а шанса доби и Костиќ. Бранителот на европското злато од континенталниот самит пред две години имаше подобар напад (57-33), а ние освоивме повеќе директни поени од блок (8-6) и од сервис (6-3). Поединечно, Александар Љафтов имаше 14 (11 од напад, 2 од блок и 1 ас), капитенот Никола Ѓорѓиев освои 10 поени (9 од напад и 1 ас), Маџунков (5 од напад и 2 блока) и Илиев (3 од напад, 2 блока и 2 аса) имаа по 7, Николов 4 (3 од напад и 1 блок), Милев 3 (2 од напад и 1 ас) и Костиќ 1 поен (1 блок).
„Имавме многу грешки, а тоа е очекувано, се гледа дека досега бевме на планина. Сакавме да играме со посилен противиник, за да видиме до каде сме, а допрва ќе тежнееме да ја кртеваме формата. Некои од играчите се жалат на повреда, Никола Ѓорѓиев не е најподготвен, па полека ќе ги коригираме елементите во играта“, изјави македонскиот селектор Душко Николиќ.
Кормиларот на европскиот шампион, Слободан Ковач, реши да одигра без главните ѕвезди, па во почетната линија се најдоа Тодоровиќ, Периќ, Околиќ, Симиќ, Кујунџиќ и Ковач. Најефикасен беше коректорот Периќ со 24, Ковач освои 14, а Батак 11.