Во склоп на програмата „Нови Сад – европска престолнина на културата за 2022“, Женскиот младински хор при МКЦ предводен од маестро Сашо Татарчевски, од 19 до 22 јули 2022 година учествуваше на хорскиот фестивал „Распеани мостови“ во Нови Сад, Србија. Гостувањето се оствари по покана на организаторите, кои не штедеа средства за реализирање на истото.
Фестивалот се карактеризира со набиена агенда и интензивна комуникација и соработка помеѓу сите учесници.
Веќе на 20 јули, маестро Татарчевски и Женскиот младински хор при МКЦ се претставија на “open singing” делот од фестивалот на сцената „Католичка порта“ пред огромен број гледачи. На 21 јули маестро Татарчевски одржа работилница наречена „Carousel of music styles” во ултра модерното ново музичко и балетско училиште во Нови Сад, на која заедно со хорот демонстрираше како е можно успешно да се совлада и презентира програма со различни стилски и изведбени карактеристики. Истата вечер во преполната синагога, која е најрепрезентативен концертен подиум во Нови Сад, Женскиот младински хор одржа целовечерен концерт на кој беше презентирана разноврсна програма, која дава можност хорот да ги покаже сите свои квалитети. Овациите по секоја изведба и особено на крајот на концертот беа најдобар показател за нивото и квалитетот со кој се претстави нашиот ансамбл. Критиките пак на стручниот дел од публиката беа во суперлативи. На 22 јули хорот учествуваше во уште едно “open singing” претставување во велелепната црква во Сремски Карловци, а вечерта заедно со хористки од неколку странски хорови и џез-трио учествуваше во изведбата на композиција (Мала џез-миса), која се подготвуваше во претпладневните часови на сите три претходни дена.
И покрај ваквата динамика, хористките и маестро Татарчевски се исклучително задоволни од топлиот прием и вниманието што организаторите на фестивалот и публиката го посветија на нашиот амсамбл. Повторно и со ова гостување на вака важен европски културен настан Женскиот младински хор при МКЦ и маестро Татарчевски потврдија дека се бренд со кој Младинскиот културен центар од Скопје може да се гордее и кој македонската култура секогаш ја претставува во најдобро светло. Со реализацијата на ова гостување МКЦ продолжува достојно да ги одбележува големите јубилеи – 50 години МКЦ и 50 години Женски младински хор МКЦ.
Извор на соопштението