31 ГОДИНА – МАКЕДОНСКИ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ

138
31 ГОДИНА – МАКЕДОНСКИ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ

На 20 Март 1992 година, на иницијатива на Националните спортски федерации на Македонија и на одреден број на истакнати спортски работници, во хотелот Гранд – Скопје (сегашен Холидеј Ин), формиран е МАКЕДОНСКИОТ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ.

Македонскиот олимписки комитет е 195-ти член на Меѓународниот олимписки комитет (од вкупно 206 национални олимписки комитети колку што се денес). 

Основни цели и задачи на Олимпискиот комитет на Северна Македонија се да создава услови за подготовки и учество на врвните спортистите и екипите од Републиката на Олимписките игри, во соработка со Националните спортски федерации и да ги испраќа спортистите да учествуват на Олимписките игри на сите меѓународни мулти-спортски натпревари организирани од страна на Меѓународниот олимписки комитет, Европските олимписки комитети, Меѓународниот комитет на Медитеранските игри и другите меѓународни мулти спортски организации, да ја состави, води и организира Олимписката делегација од Републиката на мулти-спортските игри и натпреварувања споменати погоре, во координација со Националните спортски федерации. МОК го промовира, развива и штити Олимпиското движење во Републиката, обезбедува почитување на Олимписката повелба во Републиката, промоција на основните принципи на Олимпизмот во Републиката, посебно на полето на спортот и едукацијата, преку промоција на Олимписките едукативни програми на сите едукативни нивоа, како и да ги поттикнува институциите кои се посветени на Олимпиското образование, како што се Олимпискиот Музеј и Олимписката академија.

МОК силно го јакне и поддржува развојот на врвниот спорт, како и Спортот за сите, училишниот и универзитетскиот спорт во Републиката и иницира и учествува во активности за промоција на половата рамноправност во спортот во активности кои даваат целосен придонес во развојот на еднаквото учество на жената во спортот.

МОК ја одвива својата активност преку пет органи и единаесет комисии. Во ширењето на олимпизмот има востановено повеќе традиционални манифестации: Олимписки денови (зимски и летен), Олимписки часови, Олимписки ден на трчање, Олимписки Пикник и друго. MOK иницира и поддржува повеќе приредби од спортски, културен, едукативен или хуманитарен карактер. 

На ОИ во Барселона 92 македонските спортисти настапија со статус – независни учесници бидејќи МОК се уште не беше примен во членство во ИОК , па оттука Атланта 96 е првата нивна олимпијада под знамето на Република Македонија. Што се однесува до зимските олимписки игри, првото учество на македонскиот олимписки тим е врзано за Нагано 1998 година. 

Македонските спортисти имаат освоено 13 олимписки медали и тоа сите на летна олимпијада: 2 злата, 5 сребра и 6 бронзи. Медалистите се членови на “Клубот на великаните” на МОК, што претставува посебна чест за секој спортист и спортски работник во нашава земја. 

Освојувачи на медали на олимписки игри се: 

Благоја Видиниќ – ЛОИ Мелбурн 1956 и ЛОИ Рим 1960 – сребрен и златен медал 

Благоја Георгиевски – ЛОИ Монтреал 1976 – сребрен медал 

Аце Русевски – ЛОИ Монтреал 1976 – бронзен медал 

Шабан Сејдиу – ЛОИ Москва 1980 и ЛОИ Лос Анџелес 1984 – два бронзени медала 

Азис Салиху – ЛОИ Лос Анџелес 1984 – бронзен медал 

Милко Ѓуровски – ЛОИ Лос Анџелес 1984 – бронзен медал 

Реџеп Реџеповски – ЛОИ Лос Анџелес 1984 – сребрен медал 

Шабан Трстена – ЛОИ Лос Анџелес 1984 и ЛОИ Сеул 1988 – златен и сребрен медал 

Стојна Вангеловска – ЛОИ Сеул 1988 – сребрен медал 

Могамед Ибрагимов – ЛОИ Сиднеј 2000 – бронзен медал

Дејан Георгиевски – ЛОИ Токио 2020 – сребрен медал

Извор на соопштението

Претходно соопштениеОПШТИНА КАРПОШ СТАНА ЧЛЕНКА НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА КОМУНАЛНИ ИНСПЕКТОРИ НА РСМ
Следно соопштениеКрводарителни акции