Дали „адвокатот на ѓаволот“, новиот управител на „Еуромакс Ресурсес“, го подготвува теренот за меѓународна арбитража за Иловица-Штука?

16
Дали „адвокатот на ѓаволот“, новиот управител на „Еуромакс Ресурсес“, го подготвува теренот за меѓународна арбитража за Иловица-Штука?

Нов управител на „Еуромакс Ресурсес“ ДОО Скопје, компанијата зад проектот за рудникот Иловица-Штука, според решение од Централниот регистар е Андриус Смалиукас, државјанин на Литванија, кој го замени досегашниот овластеник Тимоти Марк Морган Вин од Обединетото Кралство. Она што особено го привлекува вниманието е професионалниот профил на Смалиукас – тој е адвокат со повеќе од 70 арбитражни случаи во Балтикот и Европа, специјализиран за комерцијална арбитража и решавање спорови.

Ова назначување доаѓа во исклучително ЧУВСТВИТЕЛЕН МОМЕНТ, непосредно по одлуката на Вишиот управен суд, која здружението „Здрава котлина“ ја оцени како „сериозен удар“ врз речиси децениската борба на локалното население против отворањето на рудникот. Фактот што на чело на македонската фирма доаѓа искусен правник за меѓународна арбитража, наместо класичен корпоративен менаџер, упатува на сомневање дека компанијата подготвува нови правни офанзиви, вклучително и меѓународни арбитражи, со цел да ги ЗАОБИКОЛИ домашните судски пречки и локалниот отпор.

Во информациите добиени од медиумите се наведува дека истовремено се регистрирани и две подружници, во Струмица (за помошни активности за вадење руда) и во Иловица, Босилово (како информативен центар за односи со јавноста). Ова укажува на систематска подготовка за оперативна активност на терен, и покрај неизвесната судска и институционална состојба околу проектот.

Левица изразува длабока загриженост дека промената на управителот не е обично внатрешно реструктурирање, туку дел од стратегија за меѓународно правно позиционирање што би можела да ги доведе во прашање суверените одлуки на македонските институции и правото на локалното население на здрава животна средина. Постапките на компанијата, вклучително и претходното спојување на концесии со различни рокови, како и сомнителните околности околу нивното доделување, бараат темелна ревизија, особено откако компанијата ангажира врвен арбитражен правник.

Од друга страна, јавноста преку медиумите е веќе запознаена со ставовите на „Здрава котлина“ кои најавуваат оспорување на судската одлука. Овие настани дополнително ја наметнуваат потребата надлежните институции итно да утврдат дали назначувањето на Смалиукас е поврзано со обиди за влијание врз судските постапки, затајување одговорност или подготовка за меѓународна арбитража против Република Македонија.

Доколку овие информации се покажат како точни, станува збор за сомневања за стратешко користење на правни дупки, потенцијални ПРИТИСОЦИ врз домашниот судски систем и загрозување на јавниот интерес во корист на странски капитал, со сериозни еколошки и социјални последици за регионот.

Левица ги повикува Министерството за правда, Вишото јавно обвинителство, како и Министерството за животна средина и просторно планирање, итно да извршат увид во севкупната документација на „Еуромакс Ресурсес“, да ги проверат законските основи за сите концесии, судските решенија и начинот на назначување на новиот управител. Истовремено, бараме Централниот регистар да ги објави сите придружни документи поврзани со промената, за да се исклучи можноста за нерегуларности.

Левица, исто така, ги повикува сите надлежни институции јавно да одговорат дали имаат сознанија за активности на компанијата насочени кон меѓународна арбитража и дали се подготвени да го бранат македонскиот правен поредок и интересите на граѓаните пред странски судови.

Доколку институциите не постапат, Левица ќе поднесе ИНИЦИЈАТИВА до Уставниот суд за оцена на законитоста на концесиите и ќе бара меѓународна поддршка за заштита на еколошките и човековите права во овој случај.

The post Дали „адвокатот на ѓаволот“, новиот управител на „Еуромакс Ресурсес“, го подготвува теренот за меѓународна арбитража за Иловица-Штука? first appeared on Левица.

Извор на соопштението

Претходно соопштениеЛевица поднесе 47 амандмани кон ребалансот – парите да се насочат кај граѓаните, а не кон партиските интереси на власта
Следно соопштениеАко за нешто треба да се кршат копја, тоа е една изборна единица, а не електронско гласање на дијаспората