Дарио Ивановски оствари извонреден резултат откако во фантастична трка успеа да триумфира на 21. издание на Скопскиот маратон.
Македонскиот атлетичар и стипендист на Македонскиот Олимписки комитет имаше трка за паметење, минувајќи низ целта за време од 2:14:50 часа, оставајќи ги зад себе ривалите од Кенија, за своја втора победа на Скопскиот маратон по онаа дебитантската од 2021 година.
Второто место му остана како утеха на Кениецот Џулијан Кипкоеч, кој долго време беше лидер на трката, но на крајот имаше 30 секунди послабо време од победникот. Третата позиција на крајот му припадна на Грузиецот Каразашвили. Втор најдобар Македонец беше Жан Тошев со 16 минути полошо време од победникот. Кај дамите победи Ирене Џеруто (Кенија) со време од 2:38:21 часа.
Оваа година, Скопскиот маратон го прослави своето 21-во издание со рекорден број учесници – повеќе од 14.000 тркачи од 58 земји ја исполнија трасата низ главниот град. Во полумаратонската трка најбрз беше Албион Имери од Албанија, пред Македонците Иван Пешовски и Александар Арсов. Кај дамите, победничка е Греша Бакрачи од Косово, а пиедесталот го комплетираа Теа Божиновска и Милјана Ристиќ Стојчевска.