Даниел Димевски како поранешен прв човек на македонската кошарка и како актуелен претседател на Македонскиот олимписки комитет има огромно искуство со организација на значајни настани, но како што вели самиот, манифестацијата која ќе се одржи во Скопје и Куманово претстојново лето е нешто посебно.
Двата македонски градови ќе бидат домаќини на Европскиот младински олимписки фестивал кој ќе се одржи од 20-ти до 26-ти јули, а Скопје како главен центар на собирот се очекува да пречека над 4000 спортисти од 49 различни земји.
Димевски во гостувањето во отвореното студио на „Спортското радио 90,3 фм“ се заблагодари за поддршката која ја добива ЕМОФ од овој медиум, заклучувајќи дека овој настан ќе биде круна на неговото долгогодишно функционирање како спортски работник.
– Макотрпно работиме за да ја информираме спортската јавност дека ова лето ќе ни се случи нешто импозантно. 4300 учесници се веќе потврдени, станува збор за олимписка магија во вистинска смисла на зборот, бидјеќи ќе бидеме сведоци на најважните спортови и ќе ги гледаме сите ѕвезди во подем. Ова е голема шанса за сите нас, шанса за сите спортисти да почувствуваат што значи да се доживее олимпискиот дух. Ова е шанса да трасираме здрави темели, да направиме пат по кој ќе се движиме во иднина.
– На јавноста ќе и стане јасно што ќе се случува кога Скопје ќе се наполни во јули. Ќе се почувствуваа таа олимписка енергија во Скопје и Куманово, а државата ќе има голем бенефит од тоа. Сум организирал многу настани како претседател на МОК и кошаркарската Федерација, но ова е круна на мојата работа од организацискиот дел. Ќе дадам се од себе за да имаме прекрасен настан. Имаме огромен тим, повеќе од 50 луѓе се вклучени и работат со полна пареа и целта е да го презентираме овој настан на најдобар можен начин, – изјави Димевски.
Целиот разговор слушнете го ТУКА
