Министерот за одбрана Владо Мисајловски, заедно со началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски, соопштија дека во Солун пристигнуваат оклопните возила „Страјкер“, дел од пакетот за воена набавка вреден 339 милиони евра. Истовремено, Владата со гордост соопшти дека Македонија веќе издвојува околу 4% од БДП за одбраната, претставувајќи го тоа како доказ дека државата е „кредибилен сојузник“ во НАТО.
Таму каде што застана СДСМ, продолжува ДПМНЕ. Набавката на „Страјкерите“ ја започна Владата на СДСМ, а денес ДПМНЕ го заокружува истиот проект. Кога станува збор за исполнување на НАТО-обврските, меѓу овие две партии нема никаква суштинска разлика – едните започнуваат, другите продолжуваат, а цената повторно ја плаќаат граѓаните.
Во држава во која пациентите со месеци остануваат без животно важни терапии како еритропоетинот и лековите за хемофилија, во која Клиниката за онкологија се поплавува и се исклучуваат апарати за радиотерапија, во која врсничкото насилство ескалира до обиди за убиства на деца, во која бројот на фемициди расте, а жените и понатаму немаат доволно шелтер-центри и институционална заштита, Владата одлучува дека најважниот приоритет се 339 милиони евра за ново вооружување. Очигледно, за лекови, безбедни училишта и заштита на жените секогаш „нема пари“, но за НАТО секогаш има.
Особено поразително е што Македонија, една од најсиромашните држави во Европа, се натпреварува кој побрзо ќе ги исполни новите НАТО-обврски. Иако на Самитот во Хаг беше договорено членките до 2035 година постепено да достигнат издвојување од 5% од БДП за одбранбени и безбедносни расходи, многу економски помоќни земји сè уште предупредуваат дека тоа ќе претставува сериозен фискален товар. За разлика од нив, ДПМНЕ се однесува како државата веќе ги решила проблемите со здравството, образованието, сиромаштијата и јавните услуги.
Дополнителен апсурд е што Владата се фотографира со новите „Страјкери“, додека состојбата во самата Армија е далеку од сликата што ја претставува Министерството за одбрана. Професионалните војници со години предупредуваат на руинирани касарни, прокиснати кровови, мувла, неисправни санитарни јазли, недостојни услови за сместување, лоша исхрана и хигиенски проблеми. Наместо прво да инвестира во луѓето што ја сочинуваат Армијата, Владата избира да инвестира во сè поскапа воена техника. Со ваков тип опрема, државата станува долгорочно зависна од производителот и од неговиот систем за снабдување со резервни делови, што значи дека секоја следна година ќе носи нови неизбежни трошоци, и сè помалку пари за нашите војници.
Левица останува доследна на својата позиција дека членството во НАТО не придонесе за поголема безбедност или подобар животен стандард на македонските граѓани, туку ја претвори државата во извор на средства за воената индустрија и во послушен извршител на туѓи геополитички интереси. Наместо стотици милиони евра за исполнување на НАТО-обврските, Македонија мора да инвестира во јавното здравство, образованието, социјалната заштита и економскиот развој. Само држава која се грижи за сопствените граѓани може да биде навистина безбедна и суверена.
The post ДПМНЕ дава милиони за НАТО, а за народот – трошки first appeared on Левица.
