Додека Гостивар се соочува со масовно заболување предизвикано во услови на контаминиран водоснабдителен систем, Владата на ДПМНЕ се обидува својата законска, здравствена и морална обврска да ја спакува во пластично шише.
Обезбедувањето флаширана вода е неопходна прва помош, но никако не претставува целосен одговор на државата. Тоа е најелементарната интервенција во момент кога граѓаните останаа без основниот предуслов за живот, здравствено исправна вода. Палетите пред камерите не можат да ги заменат мерките што Владата со закон е должна да ги организира, финансира и спроведе.
Законот за здравствената заштита изречно ја задолжува државата да обезбедува заштита од штетното влијание на загадената вода, активности за зачувување на здравјето, откривање, спречување и сузбивање заразни болести, како и хигиенско-епидемиолошки минимум на населението. Средствата за остварување на овие права и државни интереси се обезбедуваат од Буџетот. Значи, не станува збор за добра волја на Владата, туку за нејзина позитивна законска обврска.
Формулацијата „хигиенско-епидемиолошки минимум“ во ваква криза значи создавање реални услови граѓаните да ја одржуваат личната и колективната хигиена, да бидат заштитени од натамошно пренесување на причинителите и навремено да добијат здравствена помош. Безбедната вода, санитарните услови, следењето на заразните заболувања и спроведувањето превентивни мерки се суштински дел од јавното здравје.
Гостиварци немаат потреба само од вода за неколку чаши дневно. Ним им е потребна исправна вода за подготвување храна, миење садови, одржување лична хигиена, нега на деца, стари лица, болни и неподвижни членови на семејствата. Флашираната вода во ограничени количества не може да ги покрие поттребите.
Затоа Владата мора да распореди доволен број цистерни со контролирана, здравствено исправна вода во сите населби, а не само на неколку централни пунктови. Мора да воспостави јасен распоред, непрекинато снабдување и директна достава до домовите на старите, болните, лицата со попреченост и семејствата што немаат превоз или физичка можност да носат десетици литри вода.
Потребно е бесплатно да се обезбедат средства за хигиена и соодветни дезинфекциски препарати за раце и површини во здравствените установи, градинките, јавните објекти, колективните сместувања и за домаќинствата што не можат сами да ги купат.
Владата треба да испрати дополнителни медицински екипи во Гостивар. Локалните лекари и медицински сестри не смеат сами да го изнесуваат товарот на криза што ги надминува редовните капацитети на една болница. Потребни се засилени дежурства, посебни пунктови за процена на пациентите, мобилни тимови за домашни посети и достапна стручна телефонска линија.
Најранливи се децата, старите лица, хронично болните, бремените жени и лицата со ослабен имунитет. Кај малите деца и постарите пациенти дехидратацијата може да стане сериозна, а семејствата не секогаш можат навремено да ги препознаат предупредувачките знаци. Токму затоа државата не смее да чека секој болен сам да стигне до болница, туку мора активно да стигне до загрозените домаќинства.
Преку матичните лекари и јавните здравствени установи треба бесплатно да се обезбедат орални рехидратациски раствори, електролити и друга терапија што ќе биде назначена според лекарска процена.
Неприфатливо е семејство со повеќе заболени членови, поради пропуст на јавниот систем, секојдневно да остава значителни средства во аптеките. Граѓаните веќе ја платиле оваа катастрофа со сопственото здравје. Не смеат дополнително да ја плаќаат и терапијата за нејзините последици.
Потребна е и организирана дезинфекција според епидемиолошка процена на местата со зголемен ризик: здравствени установи, санитарни јазли, градинки, јавни објекти и простории во кои престојуваат поголем број луѓе.
[23.7.2026 11:10] Darja M: Истовремено мора да се воспостави непрекинат санитарен и лабораториски надзор над водоводниот систем: мостри од повеќе точки, јавно објавени резултати, испирање и дезинфекција на цевководите и јасни критериуми според кои водата повторно ќе биде прогласена за безбедна.
Но, Владата на ДПМНЕ не ја презема кризата како сериозен државен проблем. Таа се однесува како гостин во сопствената држава – ќе донесе вода, ќе даде изјава, ќе ја префрли вината на локалното претпријатие и ќе си замине. Не, господа од ДПМНЕ!
Ваша обврска не е само да ја изгаснете жедта пред камерите. Ваша обврска е да го спречите ширењето на заболувањето, да ги обезбедите условите за хигиена, да ги зајакнете медицинските капацитети, да ја покриете неопходната терапија, да стигнете до секое ранливо домаќинство и да воспоставите безбеден водоснабдителен систем.
Левица бара итна целосна мобилизација на државните капацитети – цистерни и домашна достава на исправна вода, средства за лична и просторна хигиена, дополнителни медицински и мобилни екипи, бесплатна терапија според стручна процена, санитарна дезинфекција, лабораториски надзор.
The post Флашираната вода не ја исполнува ниту законската обврска на Владата кон Гостиварци first appeared on Левица.
