Предложените измени на Законот за пратениците со коишто Левица предлага ограничување на надоместокот за патни трошоци, се резултат на стремежот кон правична и разумна регулација, согласно најдобрите практики од земјите-членки на ЕУ. Ова законско решение е повеќе од неопходно, бидејќи досегашните енормни исплати на патни трошоци за пратениците во Република Македонија се директен удар врз народниот буџет и елементарниот морал во политиката.
Историско-компаративната анализа на патните трошоци во регионот (Македонија, Словенија, Бугарија, Хрватска и Косово) за периодот 2010–2016 открива фрапантни бројки: македонски пратеник во просек примал околу 40.000 евра за патни трошоци! Ова е 4.000 евра повеќе од пратеник во Словенија, 21.000 евра повеќе од оној во Бугарија, 28.000 евра повеќе од пратеник во Хрватска и 34.000 евра повеќе од оној во Косово. Овие податоци го разобличуваат системското злоупотребување на државните ресурси.
Пратеничката функција не е привилегија – тоа е народна служба! Актуелните месечни примања на пратениците се пет до шест пати поголеми од минималната плата, а износите што ги добиваат пратениците за патни трошоци неретко достигнуваат и до три минимални плати месечно! Ваквото расипничко трошење на народните пари е навреда за секој чесен граѓанин кој работи за минимален надоместок и преживува во тешки економски услови.
Скандалозно е што најголемите рекордери во злоупотребата на патните трошоци остануваат анонимни, а зад нив не стои ниту едно позитивно законско решение во служба на граѓаните. Тоа се лица кои го користеле својот мандат за лично богатење, а не за јавен интерес.
Актуелниот пратенички состав утре има историска шанса да покаже доблест прифаќајки го решението предложено од пратеничката група на Левица кое предвидува реален надомест за 6,5 литри гориво на изминати 100 километри.
Левица и народот бараат пратениците да го изгласаат ова законско решение и еднаш засекогаш да ставиме крај на оваа дрска злоупотреба на патните трошоци.