„Изненадениот“ гувернер Славески да застане во заштита на граѓаните од банкарската алчност

1
„Изненадениот“ гувернер Славески да застане во заштита на граѓаните од банкарската алчност

Изјавата на гувернерот Трајко Славески за загриженост од најавата за зголемување на надоместоците во платниот промет претставува задоцнето признание на еден подлабок проблем, што со години се игнорира. Банкарскиот сектор се претвори во олигопол што остварува рекордни профити на грбот на граѓаните и стопанството.

Кога банките бележат историски високи добивки, кога каматните маржи се меѓу највисоките во регионот, а истовремено се зголемуваат и провизиите за основни платежни услуги тогаш не станува збор за пазарна логика туку за злоупотреба на доминантната позиција на финансискиот сектор.

Фактот што повеќе банки речиси истовремено ги зголемуваат надоместоците отвора сериозни сомнежи за координирано однесување. Доколку Комисијата за заштита на конкуренцијата не реагира навремено се испраќа порака дека профитот на неколку финансиски институции е поважен од интересот на граѓаните.

Банкарскиот сектор постои за да ја сервисира економијата, а не економијата да биде заложник на профитните апетити на банките. Во услови кога животниот стандард е под постојан притисок, секое дополнително зголемување на банкарските трошоци претставува уште еден удар врз семејните буџети и врз трошоците на домашните компании.

Особено е симптоматично што гувернерот дури сега ја отвора дебатата за регулирање на надоместоците. Левица со години предупредува дека платежниот промет не е прашање на избор туку основна услуга неопходна за секој граѓанин, работник, пензионер и компанија.

Не е доволно само да се повикаат банките да ги преиспитаат своите одлуки. Потребни се конкретни мерки како законско ограничување на провизиите за основните платежни услуги, воведување пакет на бесплатни или симболично наплатливи услуги за граѓаните и засилен надзор врз можните картелски договори во банкарскиот сектор.

Левица бара воведување на јасна регулатива за работата на банкарскиот сектор. Вака граѓаните се оставени на (не)милост на банките, државата е без можност да интервенира во насока на заштита на обичниот човек, што овозможува апсолутна надмоќ на група луѓе врз целиот економски систем, чиј товар го носат граѓаните и пред се работниците.

The post „Изненадениот“ гувернер Славески да застане во заштита на граѓаните од банкарската алчност first appeared on Левица.

Извор на соопштението

Претходно соопштениеЛукаревска: ВМРО ја држи во заложништво европската иднина на Македонија
Следно соопштениеМицкоски рутинска работа ја претставува како дипломатска победа