1949 – 2022
Денес почина Љубиша Никодиновски – Биш. Таткото на МОТ.
Последен пат комунициравме во екот на пандемијата 2020, кога се јавивме само да му кажеме дека и покрај сѐ, МОТ ќе има! Нема да го откажеме фестивалот, исто како што тој не го откажувал и во многу други лоши времиња. Не беше добар, не го чувме. Но неговата прекрасна Енка ни вети дека ќе му пренесе. Помина првата фестивалска вечер, и дури скромно, на дистанца наздравивме по тој повод, го добиваме следниот мејл:
„MOT twenty twenty
Театарот, каков и да биде светот на крај од лошиот сон, и понатаму ќе опстане.
Да живее Интернационалниот театарски фестивал – МОТ
Да живее мотовската публика.
Со љубов,
Биш“
Не знаме дали сам го пишувал, или диктирал, но беше од неговиот мејл.
Ете, тоа беше Биш. До последна капка сила со љубов кон театарот. „Голтар“, Скомрах, Актер, Директор, Продуцент, Уредник, Истражувач, Собирач, Архивар, Сонувач… Не знаеме дали има некој, кој барем малку има направено за алтернативниот театар во Македонија како Биш. Ни го отвори „прозорецот кон театарска Европа“, нѐ тераше да веруваме во „Моќта на театарот“, предупредуваше дека „Театарот е на крстопат“.
Каков театар му треба на нашево време? Да му биде достоен, да го изрази и да го претстави, веднаш и тука, на своја почва, и да им удри белег на промените за понатаму. Да биде предвесник.
Биш беше еден од уредниците на младинското списание Фокус, актер во театарот „Кај Свети Никита Голтарот“, организатор на Отворениот театарски универзитет на Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет, еден од основачите, продуцент и актер на Театарската работилница ФФ (Зелената гуска), раководител на театар „Центар“, еден од основачите на меѓународниот театарски фестивал и долгогодишен уметнички директор на Млад отворен театар, еден од основачите и генерален секретар на македонскиот центар на ИТИ-УНЕСКО, член на ИТМ, ИИТМ… Биш беше Уредник на драмската програма во МКЦ сѐ до своето пензионирање.
Биш, ти благодариме за сѐ.
Вечна слава!
Извор на соопштението