Македонскиот олимписки комитет го промовираше националниот тим од 203 члена (181 спортист) за претстојниот Европски Младински Олимписки Фестивал, што од 20 до 26 јули ќе се одржи во Скопје, Куманово и Осиек.
Македонската спортска делегација ќе брои вкупно 203 члена, од кои 181 спортист на претстојниот Европски младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули во Скопје, Куманово и Осиек. Нашите претставници ќе се натпреваруваат во сите 15 спортови што се дел од програмата, што претставува историски момент за македонскиот спорт.
На денешната прес-конференција, на која официјално беше промовиран македонскиот национален тим, се обратија Даниел Димевски, Претседател на Македонскиот олимписки комитет и Претседател на Организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025, Владимир Богоевски, Спортски директор на МОК и директор за спорт при ЕМОФ Скопје 2025 и Цветанка Макаровска, шеф на мисијата на македонската делегација на ЕМОФ Скопје 2025.
„Станува збор за исклучително голем настан – убедливо најголемиот што досега го организирала нашата држава. Очекуваме импресивна бројка од околу 6000 учесници, меѓу кои 4300 спортисти од 14 до 18 години и тренери, 700 судии и официјални лица, 200 ВИП гости и 800 волонтери. Тоа значи дека Македонија во овие седум дена ќе пулсира со младинска спортска енергија, што ретко се гледа дури и на многу поголеми европски спортски манифестации Организацијата на ваков фестивал е вистинска привилегија, а особено сме горди што успеавме Скопје да го вметнеме на мапата на најзначајните спортски настани во Европа. Ова е уникатна можност за промоција на нашата држава наевропско ниво“, посочи претседателот на МОК.
