СОС Детско Село е бескрајно гордо на Мартина Трајковска, млада уметничка која го освои вниманието на светската јавност со нејзиното учество на престижната изложба Art Ekspo Trieste. Мартина е доказ за тоа како љубовта, поддршката и посветеноста можат да ги поттикнат младите да ги следат своите соништа и да постигнат извонредни успеси.
Нејзиниот талент и инспиративната приказна се потсетник за тоа колку е важна нашата мисија – да обезбедиме на децата топол дом, образование и можности за светла иднина.
Какво е чувството да се претставува Македонија на Art Ekspo Trieste?
Мартина: Искрено, чувството е неверојатно! Ова за мене беше остварување на еден сон. Учеството на ваков голем настан ми овозможи да ја претставам Македонија, но и да покажам што сè можеме да постигнеме кога ќе добиеме шанса.
Како дојде до твоето учество на оваа престижна изложба?
Мартина: Моето патување до Art Ekspo Trieste започна уште пред две години, кога учествував на меѓународниот камп Speechless Reconciliation во Чешка. Овој камп, кој се организира веќе четири години, е платформа што им помага на младите од различни земји да ги развијат своите таленти, вештини и самодоверба преку менторство, работилници и креативни обуки.
Кампот е поделен на две фази – во првата се фокусира на индивидуален развој и тимска соработка, додека втората фаза е насочена кон презентација на изработените проекти и градење меѓународни мрежи.
СОС Детско Село Скопје е горд партнер на овој камп уште од неговото основање во 2021 година, а благодарение на оваа соработка, младите кои се поддржани од СОС Детско село добиваат прилика да бидат дел од оваа инспиративна иницијатива.
На кампот запознав многу луѓе од различни култури, кои беа инспирирани од моите дела и ми понудија поддршка. Некои од нив ме поврзаа со професионалци од уметничкиот свет, што на крај доведе до оваа фантастична шанса да ги претставам своите таленти на поголема сцена. Кампот не беше само место за учење, туку и за создавање пријателства, споделување идеи и градење соништа. Ова е доказ дека вистинската поддршка и можности можат да отворат големи врати.
Што те инспирира во твоето творештво?
Мартина: Мојата инспирација доаѓа од емоциите, од природата, од луѓето околу мене. Сакам преку уметноста да раскажувам приказни и да пренесувам пораки кои ги допираат срцата на луѓето.
Колку поддршката од СОС Детско Село ти значеше за твојот развој како уметник?
Мартина: СОС Детско Село е моето семејство, мојата сила и мотивација. Тие ми дадоа љубов, дом, но и простор да го изразам мојот талент. Благодарение на нивната поддршка, имав можност да учествувам на работилници, изложби и настани кои беа клучни за мојот развој како уметник.
Кои се твоите планови за иднината?
Мартина: Сакам да продолжам да творам, да се усовршувам и да учам. Мојата цел е да студирам уметност и да продолжам да ја претставувам Македонија на меѓународно ниво. Сакам мојата приказна да биде инспирација за другите деца и млади да веруваат во себе и своите соништа.
Што би им порачала на младите кои имаат талент, но се соочуваат со пречки во животот?
Мартина: Никогаш да не се откажуваат од своите соништа. Да веруваат во себе, да работат напорно и да бараат поддршка од луѓето и организациите кои можат да им помогнат. Секогаш постои пат до успехот, само треба да бидеме упорни и да веруваме дека можеме.
СОС Детско Село со гордост го следи секој чекор на децата и младите и ја продолжува својата мисија да им обезбеди љубов, стабилност и шанса за успех. Мартина е само еден од многуте примери за тоа колку може да се постигне кога ја имате вистинската поддршка.
The post Мартина Трајковска – младата уметничка која ја претстави Македонија на Art Ekspo Trieste appeared first on СОС Детско село.