Никола Ѓуретановиќ, учесник на ОИ Париз 2024

31
Никола Ѓуретановиќ, учесник на ОИ Париз 2024

Ви ги претставуваме учесниците на претстојната олимпијада која ќе се одржи од 26 јули – 11 август оваа година во Париз 🇫🇷.

#Paris2024 🇫🇷

#TeamMKD 🇲🇰

#RoadToParis2024

🏊 Никола Ѓуретановиќ, Пливање (400 метри слободно)

Преку 14.000 спортисти ќе бидат дел од Олимписките Игри во Париз. Сигурно дека еден од најмладите меѓу нив ќе биде македонскиот пливач Никола Ѓуретановиќ.

„За мене настапот на Олимписки игри претставува голем чекор во мојата досегашна кариера, но свесен сум дека со 16 години покрај резултатот кој го планираме и работиме со мојот тим, особено важно е искуството кое ќе го стекнам и ќе го искористам за следните олимписки циклуси кои ќе ме очекуваат“, вели Никола.

За момчето кое веќе има соборено голем број државни рекорди, не само младински туку и сениорски, не се води по максимата на Пјер де Кубертен („Важно е да се учествува”), напротив. 

„Чувството да си олимпиец е навистина прекрасно, но за мене најважно е претставувањето на Македонија на најголемиот глобален спортски настан во најдобро светло и тоа ми претставува посебна мотивација. Како што напоменав, со 16 години ова ќе биде само прва во низата на олимпијади, во кои ќе се борам за големи резултати и тоа чувство ме води низ кариерата. За мене секогаш приоритет ќе бидат резултатите, а не учествата“, вели Ѓуретановиќ. 

Што се однесува до очекувањата, јасно е дека еден од најмладите на оваа Олимпијада, во моментов не може да размислува за висок пласман. Сепак, Никола верува дека ќе го даде најдоброто од себе, а за што ќе биде тоа доволно, останува да се види.

„Очекувањата ми се да го дадам најдоброто од себе, да се борам за најголемиот успех за мене и Македонија дури и при таква пеколна конкуренција. Основно е да бидам смирен и сигурен во процесот кој до сега не само што ме направи најдобар пливач на Македонија, туку и во самиот врв со пливачите на моја возраст од регионот и Европа. Едноставно верувам во резултатите бидејќи работиме сериозно и посветено на нив, а очекувањата се подредени во тој процес“, истакнува Никола.

16 годишниот Македонец своето деби во олимпискиот базен во Париз ќе го има на 27 јули (по 11 часот), за кога се закажани квалификациите во трката на 400м. слободно.

Извор на соопштението

Претходно соопштениеВардар договори искусен голман – RK VARDAR 1961 I Official site
Следно соопштениеЈавен повик за ангажирање консултант/-ка за подготовка на: Анализа на учеството на жени на извршни и високи извршни функции во изминатите 10 години и подготовка на документ за јавни политики за зајакнување на учеството на жените во извршната и високата извршна власт