ОПШТИНА КАРПОШ СО АКТИВНО УЧЕСТВО НА ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА АЛДА 2026 ВО МАЛТА: „ЛОКАЛНА ДЕМОКРАТИЈА КОЈА ИСПОРАЧУВА“

7
ОПШТИНА КАРПОШ СО АКТИВНО УЧЕСТВО НА ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА АЛДА 2026 ВО МАЛТА: „ЛОКАЛНА ДЕМОКРАТИЈА КОЈА ИСПОРАЧУВА“

Генералното собрание и Фестивал на АЛДА 2026 (Европска асоцијација за локална демократија), кој се одржа под мотото „Локална демократија која испорачува“ (Local Democracy that Delivers), понуди интензивна програма посветена на иднината на локалната самоуправа, граѓанското учество и демократската отпорност во Европа и пошироко. Како полноправна членка на оваа престижна меѓународна мрежа, Општина Карпош зеде активно учество со своја делегација предводена од Александра Теова и Роберт Јанковски.

Во рамките на сесијата посветена на проширувањето на ЕУ, насловена како „Локалната демократија го обликува следното проширување на Европа“ (Local Democracy Shaping Europe’s Next Enlargement), свое забележително излагање имаше претставникот на Општина Карпош, Роберт Јанковски. Тој пред присутните европски претставници и институции децидно нагласи дека Карпош е веќе дел од Европа — како модерна, успешна и напредна општина која ја поседува најдобрата администрација во Македонија и која успешно се справува со сите современи предизвици. Јанковски ја истакна и исклучителната проактивност на локалната самоуправа, посочувајќи дека само во текот на оваа година Карпош има аплицирано со повеќе од 20 проекти кон различните европски фондови.

Престојот во Малта делегацијата на Општина Карпош го искористи за остварување на бројни контакти, билатерални средби и размена на корисни искуства со колеги од над 45 земји, при што се договорени и конкретни партнерства за заеднички настап кон фондовите од ЕУ. Покрај официјалната програма, делегацијата оствари и исклучително важна средба со збратимената општина Сенглеа од Малта, каде претставниците на Карпош беа примени од извршниот секретар на општината, Грациела Гелел (Graziella Gellel). На овој состанок детално се дискутираше за подготовка на заеднички проекти во рамките на програмите ЦЕРВ (CERV – Граѓани, еднаквост, права и вредности) и Еразмус+.

Настанот на АЛДА понуди и низа високи институционални придонеси, вклучувајќи го и официјалното усвојување на клучниот „Манифест за локална демократија што испорачува“, кој ја реафирмира улогата на локалните власти во градењето доверба кај граѓаните. Учесниците дебатираа на теми поврзани со етичката примена на вештачката интелигенција во локалното управување, обликувањето на Младинската политичка агенда 2026–2028, како и вклучувањето на заедниците во одржливото управување со водите.

Собранието беше заокружено со проширување на мрежата на АЛДА, која денес брои над 300 членки, како и со потпишување меморандуми за соработка со европските мрежи ICLEI Europe и ACTЕ. Преку ова учество, Општина Карпош уште еднаш го потврди својот фокус кон примена на врвните европски практики на локално ниво и континуираниот развој на општината преку искористување на европските фондови.

 

Извор на соопштението

Претходно соопштениеМАКЕДОНИЈА ГИ КОМПЛЕТИРАШЕ ПРИЈАТЕЛСКИТЕ НАТПРЕВАРИ ВО СРБИЈА
Следно соопштениеВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН го предлагаат истиот „смешен“ закон за игри на среќа што го напаѓаа во опозиција Левица