Иако Општина Ѓорче Петров со денови е во фокусот на јавноста поради монструозниот случај на врсничко насилство, институциите се однесуваат како да станува збор за маргинален инцидент, а не за аларм што бара итна и сериозна реакција.
Градоначалникот Стојкоски досега единствено писмено се произнесе за Скопје1.мк, наведувајќи дека „активности преземале постојано“. Токму поради овој обид случајот да се релативизира, никој да не сноси одговорност, а со тоа да продолжат да се бележат вакви и сродни скандаливо училиштата во оваа скопска општина – со јавноста ќе ги споделиме информациите коишто пристигнаа до нас.
Еве какви активности се преземени:
Според информациите кои пристигнаа до нас, родител на малолетничката која го предводи насилството е партиски вработен кадар во Општината – лице вработено директно од штабот на ДПМНЕ и за краток период позиционирано на повисока функција. Значи, наместо институционална дистанца и објективност, имаме сериозен сомнеж за влијание и заштита.
Во таа насока, „мерките“ што се преземени не се насочени кон расчистување на случајот, туку кон негово заташкување: бришење на фотографии со конкретното лице, инструкција истото да не се појавува на работа одреден период, координирано отсуство на целиот сектор за образование токму на седница на Комисијата каде се знаеше дека ќе се отвори прашањето за врсничкото насилство, отсуство на градоначалникот од седницата по случувањето, паѓање односно нефункционалност на веб-страницата на Општината по што исчезнуваат информации поврзани со вработената.
Всушност, имаме организациски напор за заштита на поединци.
Во меѓувреме, состојбите во училиштето не се подобруваат. Напротив, според нашите информации, малолетниците инволвирани во бруталното насилство добиваат можност да одат на екскурзија, додека родителите, од страв за безбедноста на сопствените деца, се принудени да ги повлекуваат од тие активности.
И овој случај не е изолиран. Во истото училиште, под раководство на директорката Гордана Насковска, подолг период се случуваат низа потресувачки и непримерни ситуации. Советниците од Левица континуирано алармираат – за дел од нив јавноста знае, за дел не поради избегнување на двојна виктимизација на жртвите. Но, наместо интервенција, Општината систематски ги прикрива слабостите и не дозволува проблемите да се именуваат, а камоли да се решат.
Најзагрижувачко во сето ова е што во центарот на институционалното однесување не се децата, туку заштитата на кадри. Децата треба да бидат највисок приоритет – тие се најранливиот сегмент и најголемата одговорност на секое општество. Кога системот избира да штити поединци наместо нив, тоа е показател за длабока девијација во вредносниот и институционалниот поредок.
Затоа, молкот не е опција. Прикривањето не е решение. Одговорноста не може да се одложува.
Повторно бараме ОСТАВКА од директорката Гордана Насковска. Доколку истата не ја поднесе, бараме нејзино итно разрешување.
Воедно, советничката група на Левица во Советот на Општина Ѓорче Петров иницира вонредна седница, на која без селекција и изговори ќе се разгледаат причините за сите алармантни состојби поврзани со растот на врсничкото насилство.
The post Откриваме: Какви „мерки“ презеле ДПМНЕ, Стојкоски и директорката Насковска по грозоморното врсничко насилство во Ѓорче Петров first appeared on Левица.