Драган Пехчевски, претседател на Групацијата за проекти и член на Управниот одбор при ССК, беше учесник-панелист на НАУЧНО-СТРУЧНИОТ СОБИР на тема „Дигитална трансформација и зелена економија: Одржливост и одговорност кон Европскиот зелен договор“, организиран од Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Пехчевски учествуваше на вториот панел со наслов „Зелена агенда: Визија за одржливи економии – поттикнување на зелен раст и енергетска ефикасност“, кадешто го сподели своето видување и ја изложи својата експертиза за значењето на зелената агенда и нејзиниот потенцијал за трансформирање на локалната и националната економија. Во своето излагање, тој се осврна на неопходноста од интегрирање на паметните енергии, иновативни и одржливи технологии како главен двигател на економскиот раст, истовремено нагласувајќи дека енергетската ефикасност претставува клучен фактор за подобрување на конкурентноста и намалување на влијанието врз животната средина.
![](https://i0.wp.com/chamber.mk/wp-content/uploads/2024/12/DRagan-Panel-2-1.jpg?resize=696%2C522&ssl=1)
Особено ја истакна улогата на соработката помеѓу приватниот сектор, јавните институции и академската заедница во развојот на конкретни политики и проекти кои ќе ја забрзаат транзицијата кон зелена економија. Тој нагласи дека зелениот раст не е само тренд, туку неопходност за постигнување економска стабилност и исполнување на глобалните стандарди за одржлив развој.
![](https://i0.wp.com/chamber.mk/wp-content/uploads/2024/12/Dragan-Panel-3.jpg?resize=696%2C522&ssl=1)
Пехчевски го заврши своето излагањесо силна порака дека бизнисите кои инвестираат во зелени иновации не само што придонесуваат кон зачувување на планетата, туку и обезбедуваат долгорочна економска одржливост и конкурентска предност.
![](https://i0.wp.com/chamber.mk/wp-content/uploads/2024/12/Dragan-Panel-4.jpg?resize=696%2C522&ssl=1)
Овој собир беше уште една потврда за важноста на инклузивните дискусии и заедничките напори во градењето на одржлива иднина. Сојузот на стопански комори останува цврсто посветен на поддршката на иницијативи кои го стимулираат зеленото претприемништво и економскиот развој во согласност со европските и глобалните зелени стандарди.