Денес, на овој 8 Март, не сме тука за цвеќе, честитки и празнични вечери. Тука сме
затоа што жените сè уште не се слободни. Слободни од силеџиство – во домовите, на
работните места, на улиците, во училиштата, на интернет, во институциите.
Силеџиството не е само тупаница. Тоа е закон што не нè штити. Работно место што нè
експлоатира. Болница каде што нашата болка не е приоритет. Судница што не верува
во нашиот збор. Град во кој се плашиме да одиме сами дома. Живот во кој нашата
слобода има цена.
Некогаш жените биле глас – нивните зборови се пееле, нивните песни биле оружје.
Денес, сме сведоци на време кога физиолошкото треперење на гласните жици –
самиот глас – се смета за злосторство од највисок степен. Погледнете кон Авганистан,
каде што жените се бришат од општеството, каде што молкот е правило, каде што
постоењето е казна. Но, зарем и овде не се случува истото – во институции што нè
игнорираат, во закони што нè забораваат, во животи што не вредат еднакво?
8 Март стана ден за во кафеана по поволни цени со „одобрение“ – од сопругот, од
работодавачот, од семејството. Наместо ден на отпор, ни го претворија во ден на
сервилност. Ова не е нашата борба, ова е нивната победа. Ден кога наместо марш, ни
нудат мизерен „празник“ за да не го поставиме најважното прашање – КОЈА ЖЕНА
НЕМА ДА СЕ ВРАТИ ДОМА ВЕЧЕРВА?
Историјата покажува дека оваа борба е долга и исполнета со предизвици. Жените
активисти од 1800-тите се бореле за правото на глас и еднаков надомест.
Феминистките од 1970-тите се судриле со системски бариери за инклузија и влијание.
Во 1980-тите, жените биле приморани да се „поправаат“ – да се вклопат во машкиот
свет со моќни костуми и гласен став. Во 1990-тите, почнаа да се менуваат
организациските структури. 2000-тите ја отворија вратата за вистинска инклузија, во
2025 борбата останува иста.
Феминистичкиот дискурс е во пирејот – во тревата што ја газат, но не можат да ја
уништат. Во Велика, која и без Јон го носеше семејството на грб. Голема, силна,
неподвижна пред неволјите. Како што и ние денес стоиме цврсто, не како сенки, туку
како живи сведоштва на отпорот!
Феминизмот не е увезен концепт. Ова е нашата традиција! Нашите мајки, баби,
прабаби ја воделе оваа борба, ја ткаеле во историјата. И токму затоа денес, не
смееме да застанеме. Оваа борба не завршува со нас – ја должиме на идните
генерации, на девојките и жените кои доаѓаат по нас, на светот што мора да биде
праведен.
Подемот на жените не значи пад на мажите. Родова еднаквост не е борба на едниот
род против другиот – тоа е борба против угнетувањето, неправдата и системската
дискриминација. Ова не е само женско, туку и економско прашање. Општествата што
ги вреднуваат жените напредуваат. Компаниите што вложуваат во жените стануваат
поуспешни. Економиите што ја поддржуваат женската работна сила стануваат
посилни.
Денес, ние не молчиме! Бараме правда за сите жени кои биле жртви на родово
засновано насилство , на сексуално вознемирување, на системска дискриминација.
Бараме промени во законите, во судовите, во здравствениот систем, во
образованието. Бараме плати што не се помали само затоа што сме жени. Бараме
сигурни улици, домови без страв, институции што не нè оставаат на цедило.
Ние сме тука за да покажеме дека ова е нашето време. Не ни требаат формални
признанија, ни треба вистинска промена.. Не сакаме сочувствителни изјави, сакаме
дела. Не сакаме молк, сакаме револуција!
Овој марш не завршува денес. Овој марш продолжува со секоја жена што одбива да
биде замолчена. Со секоја девојка што одбива да прифати неправда. Со секоја мајка
што се бори за подобра иднина за своите деца. Со секој човек што верува дека
женските права се човекови права!
Затоа, остануваме гласни! Борбата продолжува!
