ПОСЕТА НА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА АЛДА ВО ОПШТИНА КАРПОШ

58
ПОСЕТА НА ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР НА АЛДА ВО ОПШТИНА КАРПОШ

Денеска, во официјална посета на Општина Карпош, престојуваше генералниот секретар на АЛДА – Европската асоцијација за локална демократија, Антоанела Валморбида. За време на средбата со градоначалникот Сотир Лукровски, таа му го честиташе изборот за градоначалник и изрази задоволство од досегашната соработка меѓу Општина Карпош и АЛДА.

На средбата се разговараше за идните можности за унапредување на соработката помеѓу општината и АЛДА, при што беше потенцирано дека Општина Карпош е активен учесник во проектите на АЛДА и дека во 2026 година ќе учествува како партнер во повеќе меѓународни проекти. Во таа насока беше истакната и заедничката определба за продлабочување на соработката со Европската Унија преку нови иницијативи и програми од заеднички интерес.

Секретарот на Општина Карпош, Мирјана Пехчевска Поп Илиева, ја образложи идејата за формирање ресурсен центар за невладини организации, кој би функционирал во рамки на општината и би претставувал поддршка за граѓанскиот сектор. Претставниците на АЛДА ја поздравија иницијативата, изразија целосна поддршка и информираа дека АЛДА ќе се вклучи и ќе помогне во нејзината реализација.

На средбата присуствуваа и Катица Јанева, директорка на АЛДА Балкан, како и претставниците на АЛДА Скопје – Емир Чориќ и Ивана Велкова. Од страна на Општина Карпош, на состанокот учествуваа раководителката на Секторот за развој Александра Теова и помошник-раководителот Роберт Јанковски.

Градоначалникот Сотир Лукровски ги елаборираше своите визии за идниот развој на Општина Карпош, нагласувајќи ја важноста на партнерствата со меѓународни организации и желбата за заедничка реализација на проекти со поддршка на Европската Унија и АЛДА. Во тој контекст, од страна на АЛДА беше изразена подготвеност за поддршка и учество во настани и активности поврзани со одбележувањето на Скопје како Европска престолнина на културата за 2026 година, што беше оценето како значајна можност за промоција и развој на градот и општината.

Извор на соопштението

Претходно соопштениеДали Коцевски тактизираше со оставката за да купи време и да се заташкаат над 40 предмети за висока корупција за функционери од СДС и ДУИ? Време е за независна и неселективна правда
Следно соопштениеСДСМ има нова нов тим, нова сила-нова енергија