Деветооделенците од ООУ „Владо Тасевски“, денеска ја посетија Општина Карпош и одржаа едукативна средба со заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски и со неговите соработници, претседателот на Советот, Христо Саракинов, Секретарот на Општината, Мирјана Пехчевска и раководителот на Секторот за дејности од јавен интерес, Анета Марковска. Во рамки на изборниот предмет ,,Истражување на родниот крај”, на тема ,,соработка со општината”, учениците поставуваа прашања кон надлежните и се интересираа како функционира локалната самоуправа.
Основците го насочија својот фокус кон прашања од областа на спортот, слободните спортско-рекреативни содржини, одржување на урбаната опрема, решавање на проблемот со бедомните кучиња и унапредување на екологијата и животната средина. Во непосредна комуникација со претставниците од локалната власт, учениците поставија конкретни барања и предлози за збогатување на содржините, коишто општинската администрација може да ги реализира. Во оваа пригода раководството на Општина Карпош им вети на учениците дека ќе работи напорно на создавање на услови, во кои младите карпошани ќе имаат свој простор и можност за урбано делување, дебатирање и надградување на сопствените образовни капацитети.
Заменик градоначалникот Крстевски, одговараше на прашањата од учениците, а воедно испрати и апел до присутните, како таргет група која најчесто го врши вандализмот низ општината, да се чуваат игралиштата, да не се оштетува урбаната опрема и да се внимава на околината. Исто така, тој додаде дека неколку месеци наназад, ЈП ,,Лајка”, како надлежна институција за заловување на кучињата скитници, константно се присутни на терен. Притоа, Крстевски изрази верување дека ова јавно претпријатие ќе продолжи со истата динамика да ги реализира своите работни обврски, во насока на зголемување на безбедноста на сите жители од Карпош.
Во насока на подобрување на животот на младите, Крстевски напомена дека нивните исклучително иновативни идеи ќе се разгледуваат и реализираат понатаму во рамки на Младинскиот и Ресурсен центар – Карпош, во форма на научно-дебатни курсеви, сесии и техники за имплементирање на младински политики.
Во однос на прашањата од областа на споротот, заменик-градоначалникот Крстевски им објасни на основците дека во тек е фазата на изградба на нови сали во ООУ ,,Димо Хаџи Димов” и ООУ ,,Братство”, каде што сите љубителите на спорт ќе имаат можност да ги користат игралиштата во текот на целата година. Бидејќи летото е пред прагот, културниот живот во Карпош и оваа година ќе заживее преку организирање на многубројни концерти, театарски претстави и културни настани во рамки на Карпошовото културно лето. Културно – уметничките содржини исто така се еден од проритетите на младите генерации, кои барат реализирање на концерти, претстави и слични манифестации кои се од нивен интерес.
