Претседателот Трајан Ангелоски со поздравен говор го отвори НАУЧНО-СТРУЧНИОТ СОБИР со тема „Дигитална трансформација и зелена економија: Одржливост и одговорност кон Европскиот зелен договор“, организиран од Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, исто така Претседателот беше говорник-панелист на првиот панел „Улогата на дигитализацијата во поттикнувањето зелен раст: Перспективите во циркуларната економија“.
Во своето воведно обраќање, Претседателот Ангелоски ја истакна суштинската улога на дигитализацијата во создавање одржливи економски модели. Тој подвлече дека дигиталните технологии не се само алатки за оптимизација на процесите, туку и клучни двигатели на иновациите, намалувањето на отпадот и зголемувањето на ефикасноста. Преку дигитализација, можеме да постигнеме значително подобрување во управувањето со ресурсите, создавајќи циркуларна економија која ќе ја обезбеди долгорочната стабилност на бизнисите и општеството.
![](https://i0.wp.com/chamber.mk/wp-content/uploads/2024/12/Trajan-Panelsit-2.jpg?resize=696%2C364&ssl=1)
Панелот се фокусираше и на можностите за интеграција на дигитални платформи во секторите кои најмногу влијаат врз животната средина, како што се енергетиката, управувањето со отпадот и производството. Претседателот Ангелоски ја истакна важноста на јавните и приватните инвестиции во зелени технологии како средство за зголемување на конкурентноста и одржливиот раст.
Во завршниот говор, Претседателот Ангелоски се осврна на потребата од колаборативен пристап помеѓу приватниот сектор, јавните институции и академската заедница. Тој нагласи дека само преку заеднички напори можеме да го забрзаме преминот кон зелена економија и да ги реализираме целите на Европскиот зелен договор.
![](https://i0.wp.com/chamber.mk/wp-content/uploads/2024/12/Trajan-Panelist-3.jpg?resize=696%2C364&ssl=1)
Претседателот Ангелоски ја сподели визијата на Сојузот на стопански комори како партнер во трансформацијата на македонската економија, со акцент на промоцијата на зелени бизнис модели, поддршка за претприемачите и создавање услови за поголема енергетска ефикасност.
Сојузот останува посветен на обезбедување платформи за дискусија и размена на идеи, како и на поттикнување конкретни чекори за градење на одржлив и просперитетен економски систем