Советничката на Левица во Советот на Град Скопје, Евгенија Станкоска, денес поднесе кривична пријава за загрозување на безбедноста против заменик-директорот на ЈП „Македонски шуми“, Кире Михаилов.
Кривичната пријава произлегува од настаните пред неколку месеци, кога Михаилов објави видео од обраќање на Станкоска во Советот на Град Скопје, по што следуваа стотици коментари со закани, навреди и повици за физичко и сексуално насилство. Наместо јавно да ги осуди ваквите повици, функционерот поставен од ДПМНЕ ги одобруваше, ги поттикнуваше и активно придонесуваше кон создавање атмосфера на јавен линч.
„Не станува збор само за одговорноста на едно лице. Станува збор за тоа дали во Македонија функционерите на власта можат јавно да поттикнуваат насилство врз жени без да сносат никакви последици.
Не е тајна дека кривичните пријави поднесени од Левица многу често завршуваат во фиоките на обвинителството, особено кога се насочени против луѓе блиски до власта. Токму затоа нема да дозволам и оваа пријава тивко да биде архивирана. ОЈО Скопје ќе мора јасно да покаже дали постапува според закон или според партиска припадност“, изјави Станкоска.
Таа нагласи дека случајот ја надминува нејзината лична безбедност и претставува прашање од јавен интерес, особено во контекст на институционалната заштита на жените жртви на насилство.
„Јас сум јавен функционер. Имам пристап до адвокат, јавност и медиумски простор. Илјадници жени во Македонија го немаат тоа. Со години пријавуваат семејно насилство, демнење, сексуално вознемирување и закани, а институциите премногу често реагираат дури откако насилството ќе ескалира. Некои жени никогаш не ја дочекуваат таа реакција.
Ако државата го заштити Кире Михаилов, нема да заштити само еден човек. Ќе го заштити правото на секој политички именуван функционер да поттикнува физичко и сексуално насилство врз жена без да сноси никаква одговорност.
Ако јавен функционер не се плаши јавно да поттикнува физичко и сексуално насилство врз жена политичар, тогаш што ѝ кажува државата на жената која нема функција, нема медиуми, нема адвокат и нема политичка партија зад себе? Со кое право институциите утре ќе ја повикаат да пријави насилство? Со кое право ќе ѝ ветуваат заштита, ако денес не се подготвени да гонат човек кој тоа го правеше јавно, под свое име и од позиција на власт?“, додава Станкоска.
На крајот, Станкоска порача дека постапката нема да биде оставена да исчезне во институционален молк.
„Ако институциите одлучат да го штитат својот функционер, тогаш тоа ќе мора да го направат пред очите на целата јавност. ОЈО Скопје, сега вие сте на ред.“
The post Стaнкоска: Поднесов кривична пријава против Кире Михаилов – ОЈО не смее да дозволи функционер на власта да поттикнува насилство врз жени без казна first appeared on Левица.
