Вардар продолжува со триумфи – тешка, но заслужена победа над Бутел!

53
Вардар продолжува со триумфи – тешка, но заслужена победа над Бутел!

Нашата екипа на Вардар 1961 ја продолжува победничката серија во Супер лигата! Во градскиот дуел од 9. коло, „црвено-црните“ славеа над Бутел со резултат 36-30 (19-18) и останаа лидери на табелата со максимален учинок.

Иако крајниот резултат изгледа убедливо, натпреварот воопшто не беше лесен. Гостите одиграа мотивирано и без притисок, создавајќи проблеми за Вардар во повеќе наврати. Нашите момци го отворија мечот според очекувањата – со цврста одбрана и сигурен напад, поведувајќи со 11-7 во 14. минута. Сепак, следуваше период на пад во концентрацијата, што Бутел го искористи и во 23. минута израмни на 15-15. На полувреме Вардар сепак замина со минимално водство, 19-18.

На стартот од вториот дел Бутел израмни на 19-19 и дури имаше шанса за водство, но стативата го спаси нашиот гол. Тоа беше сигнал за будење на Вардар – за само неколку минути момците на Иван Чупиќ повторно ја воспоставија контролата, поведувајќи со 24-20, а потоа Николас Боно со својот пробив ја зголеми предноста на највисоки 25-20.

До крајот Вардар играше рутински и без ризик. Нашиот тим ја задржа предноста од пет гола, а во последните минути ја зголеми на конечни 36-30, за уште една заслужена победа пред своите навивачи.

Најефикасни во црвено-црниот дрес беа Николас Боно со 7 погодоци и Филип Талески со 6, а голманот Милош Валах имаше 10 одбрани, вклучувајќи неколку клучни во второто полувреме. Кај противникот, Дејан Михајловиќ се истакна со 8 голови, додека Филип Николов и Димитар Узунчев постигнаа по 5.

И покрај бројните отсуства (Кавада, Пинто, Горига, Лазаревски, Кеита и Стаменковиќ), нашите момци уште еднаш покажаа карактер и квалитет. Вардар останува единствениот тим со максимален ефект и на добар пат да ја задржи лидерската позиција и по претстојното гостување кај Пролет.

Извор на соопштението

Претходно соопштение📷 Вардар – Бутел – rkvardar.com.mk
Следно соопштениеЧетири години чесно и транспарентно работење, ВМРО-ДПМНЕ со голема предност пред вториот круг, очекуваме убедлива победа