Нашата екипа продолжува со одличниот старт во новата сезона од ЕХФ Европската лига! По домашниот триумф над Сесвете, „црвено-црните“ вечерва славеа голема победа во Франција – 28-26 против силниот Тулуз, за максимални два победи од два натпревари во групната фаза.
Момците на Иван Чупиќ одиграа перфектно прво полувреме, вистинска ракометна лекција за францускиот тим. Со агресивна одбрана и прецизен напад, Вардар уште на почетокот се одлепи на 6-1, а во 23. минута водеше со убедливи 14-8. До крајот на полувремето, нашите момци ја одржаа високата разлика и заминаа на пауза со водство од 18-11.
На стартот од второто полувреме Вардар имаше и највисоки +9 (21-12), но потоа следеше пад во играта и пресврт на домашните. Тулуз со серија погодоци се врати во игра и во 47. минута намали на само еден гол разлика (23-22), внесувајќи голема доза драма во завршницата.
Сепак, кога беше најтешко, нашите момци покажаа карактер и ментална сила. Пресудни беа головите во последните пет минути – најпрво сигурна реализација од седмерец за 26-24, потоа две брзи акции кои ги реализираа Гогов и Боно за предност од 28-24, по што победата беше обезбедена.
Најдобар стрелец за Вардар беше Јака Малус со шест погодоци, додека Дмитро Хориха четири пати ја тресеше мрежата на Тулуз. На голот, Васил Гогов имаше неколку клучни одбрани во завршницата кои ја запечатија победата.
Оваа победа е уште една потврда дека Вардар 1961 повторно е европски конкурентен тим – со срце, борбеност и тимски дух кои го красат овој колектив. Следниот предизвик е нов европски дуел, каде нашите момци ќе имаат цел да ја продолжат победничката серија и да ја задржат првата позиција во групата.
Записник од натпреварот – EHF-202611020902064