Спрегата помеѓу власта и олигархијата (градежната мафија) е толку тесна, што државата намерно ги ослабува институциите до степен на нефункционалност која единствено одговара на кастите чиј капитал се брои во милиони.
Фактот што инвеститор на објектот во којшто вчера животот го загуби работник е поранешниот градоначалник од редовите на ДПМНЕ, Ивица Коневски, и адвокат на повеќе општини и Градот Скопје, е само сигнал од опасноста во која живеат илјадници градежни работници секој ден, поради спрегата помеѓу инвеститорите и власта.
Во градежниот сектор, на годишно ниво Македонија губи 20 работници и има над 200 повреди на работно место. По оваа црна статистика предничиме пред останатите земји во Европа, иако не е земено предвид дека бројките се многу пофрапантни бидејќи огромен број на повреди не се евидентирани, а немаме ниту орган којшто официјално води евиденција, туку се бројки, јавно објавени информации од медиумите.
За жал, ова не го вклучува алармот кај ниту една влада досега, од едноставна причина што тие себе се гледаат како слуги на капиталот, а работникот како инструмент за достигнување на нивните цели.
Ова не е несреќа, ниту случајност, туку е резултат на систем граден со години, во кој секогаш некој
ќе среди работаʼ, за ʼтвојот човекʼ да може да складира милиони. Во големите планови на милионерите, работниците останаа ситни души на кои и минималната плата им е многу. На обврските за нивна заштита при работа се гледаат како формалност и непотребен трошок којшто мора да се скрати.
Избегнувањето и заобиколувањето на законските прописи чини животи. За ова мора да има ОДГОВОРНОСТ! Но, вчерашниот трагичен случај во Кисела Вода го отвора и прашањето, во колкава мера се контролира безбедносниот минимум и на самите градби при нивната изведба.
Година дена по несреќата во Кочани власта не научи ништо освен како се заташкуваат случаите во кои невини луѓе ги губат животите. Во Македонија не е безбедно на улица, не е безбедно на работа, а ако се земе во предвид дека никој не го контролира градежното дивеење, веројатно повеќе не сме безбедни ниту дома.
Без санкции, зголемени контроли и инспекторски служби на висина на задачата, делењето маркици и цртањето проекти по мерка на градоначалниците и желба на инвеститорите допрва ќе ни носат лоши вести.
