Генералниот секретар на Олимпискиот комитет, Ѓорги Тасев, зеде активно учество во меѓународната програма за градење капацитети посветена на спречување на манипулациите со спортски натпревари.
Сесијата на тема „Вовед во спортско обложување, разузнавање и истраги“, организирана од специјализираната единица OM Unit PMC, е дел од пошироката стратегија за зајакнување на механизмите за превенција и заштита на спортските натпревари од нерегуларности. Како потврда на сериозноста на овој процес, Македонскиот олимписки комитет има назначено Единствена точка за контакт (SPOC – Single Point of Contact), со што се воспоставува директен канал за комуникација и координација со меѓународните спортски тела и институции.
Во претстојниот период, Олимпискиот комитет ќе се фокусира на целосна имплементација на меѓународните стандарди преку официјално усвојување на правилата од страна на Комитетот и овие регулативи ќе бидат целосно усогласени со Олимпискиот кодекс за спречување манипулации со натпреварите, со што ќе се создаде цврста правна рамка за дејствување.
Дополнително, како клучна алка во овој процес е предвидена организација на серија едукативни сесии наменети за спортистите, тренерите и спортската јавност со цел да се подигне свеста за ризиците од манипулации и ќе се обезбедат потребните алатки за заштита на интегритетот на секој натпревар, со што Олимпискиот комитет уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон принципите на фер-плеј и транспарентност во спортот.
