Почитувани спортисти, спортски работници и поддржувачи на македонскиот спорт,
На прагот на новата 2026 година, се осврнуваме на период кој го тестираше нашиот карактер, но и ја потврди нашата посветеност. Годината што ја испраќаме беше исполнета со предизвици, но уште повеќе со моменти кои нè обединија под знамето на олимпизмот.
Домаќинството на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) беше круна на нашите заложби, докажувајќи дека Македонија има капацитет за врвни светски дострели. Овој настан за нас е огромно богатство, не само како спортска манифестација, туку како траен влог кој ќе носи огромни бенефити за македонскиот спорт во сите години што претстојат. Но, најголемата сила на овој успех се луѓето – вие, спортистите, кои сте срцето на оваа организација.
Во 2026 година продолжуваме уште посилно. Нашата мисија останува непроменета: да создадеме услови во кои вашиот талент ќе прерасне во врвен резултат. Сакаме македонското знаме да се вее високо, а олимписките вредности – извонредноста, пријателството и почитта – да бидат патоказ за секој млад човек во нашата држава.
На сите спортисти им посакувам година без повреди и со нови лични рекорди. На спортските работници им посакувам мудрост во менаџирањето на новите успеси. Нека новата 2026 биде година на заедништво и нови победи кои ќе нè направат горди како нација.
Среќна Нова 2026 година!
