На 26 јуни, во Владата се одржа средба со амбасадори на УНЕСКО на која беше истакната политичката определба за заштита и одржлив развој на природното и културното наследство на Охридскиот регион. Истовремено, Македонија повторно го очекува исходот од одлуката на Комитетот за светско наследство, по долгогодишните предупредувања дека регионот може да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.
Не смееме повторно да се тешиме дека „се извлековме“. Прашањето кое треба да си го поставиме не е дали Охрид уште еднаш ќе избегне ставање на Листата на светско наследство во опасност, туку колку долго ќе продолжиме да ја злоупотребуваме трпеливоста на УНЕСКО, додека систематски го уништуваме највредното природно и културно богатство што го поседуваме.
Со години слушаме исти ветувања, исти декларативни заложби и исти уверувања дека „овојпат ќе биде поинаку“, додека на терен дивоградбите остануваат, урбанистичкиот хаос продолжува, крајбрежјето се бетонизира, природните живеалишта исчезнуваат, а институциите реагираат само кога ќе пристигне нов извештај од УНЕСКО, за што Левица секој пат алармира.
Но, проблемот не е во УНЕСКО. Тие имаат свои критериуми, за кои ние сме се определиле дека ќе ги почитуваме. Проблемот е што државата се однесува како статусот да е трајно загарантиран, а не како обврска што мора секојдневно да се заслужува, преку постојана грижа. Наместо да го заштитиме Охрид, ние со години дозволуваме приватниот интерес да биде посилен од јавниот, а профитот поважен од културното и природното наследство.
Ако повторно избегнеме санкција, тоа не значи дека повторно треба да славиме и да спиеме до следниот извештај. Тоа ќе биде уште една последна опомена, бидејќи секој пат кога ќе кажеме „сè уште не го изгубивме статусот“, всушност признаваме дека повторно не сме направиле ништо за да го зачуваме.
И најголемата трагедија нема да биде ако УНЕСКО ни го одземе признанието. Најголемата трагедија ќе биде што ние самите одамна почнавме да го одземаме Охрид од идните генерации, да го уништуваме најстарото езеро во Европа, а со тоа го уништуваме и нашиот во моментов најголем туристичкиот потенцијал.
А Охрид не е само туристички производ што бесконечно ќе го експлоатираме и врз кој ќе градиме нови хотели. Тој е и цивилизациско наследство. А држава што не знае да го заштити своето најголемо богатство, испраќа порака дека не е способна да ја заштити ниту сопствената иднина.
Ако продолжиме со истата негрижа, нема да нè осуди УНЕСКО, ќе нè осуди историјата
The post Не прашувајте дали ќе го изгубиме статусот – запрашајте се што остана од Охрид first appeared on Левица.
