ОД БИО ОТПАД ДО ЗЕЛЕНИ БИЗНИС ИДЕИ

4
ОД БИО ОТПАД ДО ЗЕЛЕНИ БИЗНИС ИДЕИ

Во  рамки на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, денеска со почеток од 11:00 часот, во градскиот парк -Школка  се одржа завршниот настан на кој беа претставени резултатите од проектот, како и најуспешните идеи и производи создадени од учениците од Општина Карпош, како и од општините Кисела Вода и Ѓорче Петров, во натпреварот за зелени бизнис идеи. Во силна конкуренција меѓу 12  училишта, учениците од ООУ „Јан Амос Коменски“ освоија втора награда за нивната иновативна зелена бизнис идеја – изработка на еко креда од лушпи од јајца.

На овој завршен настан, свое обраќање имаше претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов, кој во име на општината, им честиташе на учениците за одличната работа и креативните идеи, со заложба за понатамошна поддршка и соработка на полето на управувањето со отпадот и циркуларната економија.

„Проектот ги обедини учениците, наставниците, граѓаните и партнерските организации кои во изминативе две години беа дел од активностите насочени за подигнување на јавната свест и поттикнување практики за одржливо управување  со органски отпад. Токму овој проект ги отвори видиците не само кај помладите, туку и кај нас возрасните, не само како родители туку и како политички фактори и одговорно можам да кажам дека Општина Карпош ќе продолжи да учествува и спроведува вакви и слични проекти кои ќе имаат за цел да ја подигнат јавната свест за селекција на отпадот и циркуларната економија преку управувањето со органскиот отпад.“ – истакна Саракинов.

 

Учениците од Општина Карпош, го селектираа и го подготвуваа собраниот органски отпад, со цел истиот да биде употребен во училишните компостари кои ги поседуваат училиштата, за добивање на компост кој што го користат училиштата  за раззеленување на училишните дворови.

 

 

Посетителите имаа можност да проследат изложба на дванаесет производи изработени со реупотреба на био отпад, презентации на зелени бизнис идеи подготвени од ученици, како и демонстрација на наградените зелени бизнис идеи за реупотреба на био-отпад, од три училишта со поддршка од Биотехнолошка лабараторија. Настанот беше искористен и  како можност за дружење  и размена на искуства со учениците и наставниците вклучени во проектот.

Инаку, станува збор за проект на Владата на Швајцарија, преку Цивика мобилитас, спроведен од страна на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска.  Овој проект „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, е имплементиран од Здружение Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ)-Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон –Центар за еколошка демократија, и истиот има за цел да придонесе за постигнување на циркуларна економија преку одржливо управување со био отпад со стекнување на практични знаења, коишто придонесуваат за остварување на одржлив развој.

                                                                                                              

Извор на соопштението

Претходно соопштениеТЕМЕЛНА АКЦИЈА НА ЧИСТЕЊЕ И ХОРТИКУЛТУРНО УРЕДУВАЊЕ НА „МЛЕЧЕН“
Следно соопштениеБитиќи: 11 милијарди евра нов долг, ја туркате државата во провалија со задолжувањето