ОПШТИНА БИТОЛА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА ХРАНА И ВЕТЕРИНАРСТВО ДОБИ ОДОБРУВАЊЕ ЗА ПРИФАТИЛИШТЕТО ЗА БЕЗДОМНИ КУЧИЊА

117

Пет месеци по доставувањето на барањето од Општина Битола, Агенцијата за храна и ветеринарство, денес го достави решението за одобрување на прифатилиште за бездомни кучиња. Во решението е наведено дека, објектот кој изминатата година, Општина Битола го адаптираше за сместување на бездомни кучиња, ги исполнува условите пропишани со Законот за заштита и благосостојба на животните и Правилникот за постапките за заловување, интервенции и третман на бездомните кучиња, начинот на спроведување на тестот за социјализација, начинот и содржината на податоците за водење на евиденција и начинот за вршење на надзор, условите за одобрување на прифатилиштата, формата и содржината на начинот на водење на Регистарот на одобрени прифатилишта. Максималниот капацитет на прифатилиштето е за сместување на 55 кучиња. Со одобрувањето на прифатилиштето од Агенцијата за храна и ветеринарство, истото е внесено во официјалниот државен регистар на прифатилишта и општината може да премине кон спроведување на завршните административни чекори за ставање во функција на прифатилиштето. Во оваа фаза, потребно е со одлука на Совет, прифатилиштето да биде предадено на управување од страна на ЈП Комуналец, за што Советот ќе треба да ја усвои и Програмата за работа, вклучувајќи го и одобрувањето на потребните средства од општинскиот буџет за непречено работење на прифатилиштето. Со завршувањето на овие процедури, ќе започне организираното и системско решавање на проблемот со бездомните кучиња во Битола.

Извор на соопштението

Претходно соопштениеМицкоски на средба со коалицијата „Твоја Македонија“, во разговори за формирање на идна влада
Следно соопштениеРаботилница за самопроцена на состојби со волонтерството во Црвениот крст на РСМ