ОПШТИНА КАРПОШ ПРОДОЛЖУВА СО АКТИВНОСТИТЕ ЗА ПОДОБРА КАНАЛИЗАЦИОНА ИНФРАСТРУКТУРА ВО ЗЛОКУЌАНИ

1
ОПШТИНА КАРПОШ ПРОДОЛЖУВА СО АКТИВНОСТИТЕ ЗА ПОДОБРА КАНАЛИЗАЦИОНА ИНФРАСТРУКТУРА ВО ЗЛОКУЌАНИ

Општина Карпош, во соработка со ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, продолжува со реализација на активности за прочистување и одржување на канализационата мрежа, со цел навремено решавање на критичните точки и подобрување на условите за живот на граѓаните. Во фокусот на денешните активности беше улицата „Скупи“ во Злокуќани, каде што екипите работеа на расчистување на шахти, отпушување на атмосферската канализација, како и чистење на сливници и фекални шахти.

Интервенциите се реализираа со цистерна под висок притисок, вакуум-цистерна и со рачно чистење на критичните точки. На терен изврши увид и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој истакна дека решавањето на проблемите со канализационата инфраструктура е меѓу приоритетите на Општината и дека директната комуникација со граѓаните и навременото реагирање на нивните потреби се од особена важност. „Како Општина сме постојано на терен и во директна комуникација со граѓаните. Нашата цел е проблемите да ги детектираме навреме и, во соработка со надлежните институции, да преземеме конкретни активности за нивно решавање.

Продолжуваме посветено да работиме на подобрување на инфраструктурата и условите за живот во сите населби на Карпош“, истакна градоначалникот Лукровски. На увидот присуствуваше и директорот на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, Иван Митровски, при што беше потврдена важноста од координираната соработка меѓу Општина Карпош и јавните претпријатија за ефикасно и навремено делување на терен. Активностите за прочистување и одржување на канализационата мрежа продолжуваат и утре во Нерези, со фокус на критичните делови од мрежата, со цел обезбедување подобра проточност и поефикасно функционирање на канализациониот систем. Општина Карпош продолжува да биде присутна на терен и да работи во интерес на граѓаните, со конкретни активности и координирана институционална соработка.

Извор на соопштението

Претходно соопштениеЗгрозени сме од морбидните пораки на профил близок до Филипче и СДС, институциите веднаш да постапат и да има одговорност
Следно соопштениеСДС ја покажа својата хипокризија на дело за Гостивар, Филипче молчи, ги штити и не бара одговорност за своите функционери