Со бизнис-регулаторна одлука РКЕ секоја година на ЕВН Електродистрибуција и признава милионски загуби во киловат часови електрична енергија. Годинава и призна 721 милион kWh загуби во дистрибутивната мрежа кои на крајот ги плаќаат граѓаните, преку сметките за струја, и тоа многу поскапо од просечната цена.
Трошокот за тие загуби изнесува 4,89 милијарди денари, односно речиси 80 милиони евра. Додека ЕЛЕМ на универзалниот снабдувач му обезбедува електрична енергија по просечна цена од 4,8781 ден/kWh, за покривање на загубите се признава цена од 6,7802 ден/ kWh, што е околу 39% повисок трошок кој однапред се вградува во тарифниот систем и на крај го плаќаат потрошувачите.
Зошто РКЕ дозволува толкав трошок да влезе во регулираниот приход, без јасен казнен механизам што ќе ја тера Електродистрибуција да ги намали загубите?
Електродистрибуција, како и во претходните години, има План за намалување на загубите за периодот 2024-2026, одобрен од РКЕ. Од ваквите планови, години наназад, нема некаков ефект зашто тие се прават само за да бидат пишани на хартија или затоа што тоа е законска обврска. Ако загубите не се намалуваат, не само што трошокот не смее автоматски да се префрла во тарифата туку РКЕ мора да воведе и казнен механизам.
Во 2022 година, според CEER, Словенија имала 3,92% дистрибутивни загуби, а Македонија 13,98%. Словенија има повеќе од двојно подолга дистрибутивна мрежа, а неколкупати помал процент на загуби. Значи проблемот не е географија. Проблемот е регулација, контрола и одговорност. Левица бара РКЕ:
Загубите над однапред утврден праг да не се признаваат целосно во тарифата;
Секоја kWh загуба над годишната цел да ја покрива Електродистрибуција, а не граѓаните;
Да се направи независна ревизија на техничките и нетехничките загуби;
Да се објави карта по региони каде се најголемите загуби и што конкретно се презема и
Инвестициите во мрежата да се признаваат само ако носат мерливо намалување на загубите.
РКЕ не може секоја година да признава стотици милиони kWh загуби, а потоа да глуми дека сметката е природна појава. Ако регулаторот признава трошок, мора да бара и резултат
The post Регулаторна не смее да биде нотар на загубите на ЕВН – цехот го плаќаат граѓаните од свој џеб first appeared on Левица.
