Општина Карпош во соработка со Центарот за јавно здравје, денеска започна акција за поставување на „Репелент“ – средство за превенција и заштита од змии. Првенствено, стручните лица ја започнаа оваа активност во У.З „Кузман Јосифовски Питу“ и „Пецо Божиновски Кочо“ (населба Козле), а деновиве ова средство треба да се се распореди и во останатите населени места на цела територија на Карпош. Со акцијата ќе бидат опфатени сите детски градинки, основни училишта, детски и спортски игралишта, парковите, околината на кејот на Вардар, како и повисоките места низ општината.
Станува збор за природен производ кој е безопасен за луѓето, животните и околината, којшто придонесува за намалување на појавата на влекачи. Ова ефикасно средство содржи екстракција на етерични масла од тревки и дрвја, а дејствува на тој начин што шири мирис на свеж оган, при што ги одбива змиите да се приближат до одредена површина.
