СДСМ го доживува постојниот изборен модел како последна шанса да ја одложи сопствената пасокизација

11
СДСМ го доживува постојниот изборен модел како последна шанса да ја одложи сопствената пасокизација

СДСМ повторно потврди дека политичката ирелевантност не е само прашање на изборен резултат, туку и на политички рефлекс. Партија која со години секој принцип го претвораше во монета за поткусурување, денес се обидува да држи лекции за опозиционерство токму на единствената парламентарна партија што отвори процес за суштинска реформа на Изборниот законик. Наместо став за една изборна единица, СДСМ повторно излезе со соопштение составено од политичка фрустрација и очајнички обид вниманието да се пренасочи од темата што очигледно најмалку им одговара.

Во текот на целата дебата за Изборниот законик, СДСМ не изгради ниту една препознатлива политичка позиција за суштинските прашања. Наместо расправа за изборниот модел, јавноста со недели слуша конструкции, инсинуации и евтини политички етикети. Наместо да објаснат дали се за една изборна единица, дали секој глас треба да вреди еднакво и дали Македонија конечно треба да добие поправеден изборен систем, тие упорно се обидуваат дебатата да ја сведат на конспиративни теории на кој кому бил „сателит“.

Особено симптоматично е што партијата која со години тврдеше дека се залага за една изборна единица, денес одбива дури и да седне на маса за да разговара токму за таа реформа. Ако и понатаму се за една изборна единица, тогаш што ги спречува да учествуваат во разговорите? Ако повеќе не се, нека имаат политичка чесност да им го кажат тоа на своето членство. Одбивањето на координативна средба е одбивање на можноста конечно да се изгради поширок политички консензус околу најважната демократска реформа на изборниот систем.

За СДСМ, сегашниот изборен модел е прашање на политичко преживување. Затоа панично го бранат системот што произведува изгубени гласови, непропорционална распределба на мандати и вештачки политички кислород за партии кои одамна ја загубија довербата кај граѓаните. Се надеваат дека она што повеќе не можат да го добијат од граѓаните, ќе го добијат од изборната математика.

Кога некаде нема поделба на плен, амнестии, институции или политички комфор, ним им изгледа како да нема ни причина за средба. Разбирливо е што не можат да сфатат дека постојат партии кои разговараат за правила, а не за привилегии. Во нивниот политички универзум, разговорите никогаш не се однесуваат на јавниот интерес. Затоа и не можат да поверуваат дека некој навистина свикува состанок за една изборна единица, а не за политичко пазарење. Толку долго функционираа во логиката на политичките комбинации, што денес секоја иницијатива ја мерат според сопствените навики.

Уште поиронично е што партијата која осум години беше носител на власта, денес се обидува да позира како најрадикален критичар на политичкиот естаблишмент. Наместо сериозна политичка позиција, нудат театрални конструкции. Колку повеќе се трудат да звучат како револуционери, толку повеќе потсетуваат на луѓе што сè уште не можат да се помират дека повеќе не ја поставуваат политичката агенда.

Граѓаните веќе им пресудија. На локалните избори во Скопје во 2025 година, Левица стана најсилната опозициска политичка сила во главниот град, додека СДСМ го доживеа својот најтежок политички пад. Наместо да направат анализа зошто граѓаните им го свртеа грбот, тие повторно бараат виновник во Левица.

На крајот, останува само едно прашање на кое СДСМ упорно одбива да одговори:
Дали сте за една изборна единица или не?

Сè друго е очајнички обид да се спаси сопственото распаѓање.

The post СДСМ го доживува постојниот изборен модел како последна шанса да ја одложи сопствената пасокизација first appeared on Левица.

Извор на соопштението

Претходно соопштениеМакедонската дијаспора е жртва на блокадата на СДС, Левица и ДУИ 
Следно соопштениеЗа 2 години Влада на ВМРО-ДПМНЕ над 60 спортски проекти со вредност од над 21 милион евра, продолжуваат инвестициите во спортот низ државата