Утре Уставниот суд ќе одлучува дали е уставно единствено Левица да биде цензурирана

17
Утре Уставниот суд ќе одлучува дали е уставно единствено Левица да биде цензурирана

Утрешната седница на Уставниот суд ќе биде тест дали институцијата што треба да биде последниот чувар на Уставот ќе го заштити принципот на еднаквост или ќе го легализира единствениот случај на институционализирана политичка цензура во поновата македонска демократија.

Спорниот член 76-д создаде апсурдна состојба во која единствено Левица, иако е парламентарна партија со пратеничка група, беше целосно исклучена од системот на платено политичко рекламирање. Тоа значи дека додека сите останати парламентарни и вонпарламентарни партии имаат законски обезбеден пристап до медиумскиот простор во изборната кампања, само една е институционално замолчена. Левица не само што не доби и нема да добие средства за рекламирање, туку забранета и е и можноста за рекламирање на телевизија, радио, портали, билборди. Прашањето, според тоа, не е финансиско, туку уставно – дали државата смее со закон селективно да го ограничува политичкиот плурализам.

Одлуката што утре ќе ја донесе Уставниот суд ќе покаже дали оваа институција воопшто ја врши својата функција или ќе стане последната алка во легализирањето на партиски конструирана нееднаквост. Доколку Судот ја аминува оваа одредба, ќе испрати порака дека Уставот завршува таму каде што започнува интересот на ДПМНЕ и трулиот бипартизам. Со таква одлука, Уставниот суд ќе биде инструмент за цементирање на партиските канџи врз изборниот процес и политичкиот плурализам.

Особено загрижува што со месеци иницијативата на Левица беше држена во фиока, а предметот доаѓа на дневен ред дури кога веќе е извесно дека власта сака да го задржи истиот изборен модел и истиот дискриминаторски систем. Таквата временска динамика, заедно со јавните настапи, амбициите и политичката биографија на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, сосема оправдано отвора сомнеж дали Судот ќе се води од Уставот или од политичките очекувања на оние што го создадоа овој модел.

ДПМНЕ со месеци ја брани оваа одредба, иако не успева да понуди ниту еден сериозен аргумент зошто само Левица треба да биде исклучена од изборното рекламирање. Наместо образложение, јавноста слуша политички квалификации и обиди суштината на проблемот да се сведе на финансиско прашање. Но, суштината е сосема поинаква. Не се работи за тоа кој добива средства, туку за тоа дали државата смее со закон да му забрани на еден легален, парламентарен политички субјект да се претстави пред граѓаните преку истите медиумски канали што им се достапни на сите негови политички конкуренти.

Во правна држава Уставниот суд ги крши канџите на власта, а во заробена држава им ги остри. Утре Дарко Костадиновски ќе стави печат за тоа во која категорија сака да биде запаметен Уставниот суд во негов мандат.

The post Утре Уставниот суд ќе одлучува дали е уставно единствено Левица да биде цензурирана first appeared on Левица.

Извор на соопштението

Претходно соопштениеЛевица понуди компромис: една изборна единица во замена за гласање на дијаспората по пошта за претседателски избори!
Следно соопштениеСО ОДЛУКА НА УСТАВЕН СУД СЕ УКИНУВА ДУП-ОТ Ј О2